Оставката на вицепремиерот задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, го означува крајот на една политичка кариера која започна со големи амбиции, но заврши со изолација во сопствената партија и отсуство од јавната сцена.
Во македонската политика Фетаи го донесе Зијадин Села во 2016 година, две години по формирањето на Алијансата за Албанците. Тогашниот европски експерт од Брисел беше претставен како ново лице кое треба да помогне во трансформацијата на албанскиот политички блок и да придонесе за симнување на ДУИ од долгогодишната власт.
До тој момент Фетаи живееше и работеше во Белгија, со ограничено политичко искуство на Балканот. Претходно имаше неуспешен обид да се вклучи во косовската политика преку движењето Самоопределување на Албин Курти. За време на внатрешниот раскол во партијата во 2013 година, тој застана зад фракцијата која бараше промена на тогашното раководство и поголема отвореност кон западните партнери. Фракцијата подоцна формираше нов политички субјект, но не успеа да обезбеди значајна поддршка кај гласачите.
Слично сценарио го следеше и во Северна Македонија.
Во 2023 година, кога се формираше коалицијата ВЛЕН, Алијансата за Албанците се подели на две спротивставени струи – онаа на Арбен Таравари и онаа на Зијадин Села. Политичките процеси беа поттикнати од обидите на косовскиот премиер Албин Курти да ја обедини албанската опозиција со цел да ја испрати ДУИ во опозиција.
Додека Села се спротивстави на приклучувањето кон ВЛЕН, Таравари ја прифати иницијативата. Фетаи застана на страната на Таравари и Курти, со што практично се раздели од политичкиот ментор кој го воведе во македонската политика.
Неколку месеци подоцна повторно се најде пред политички избор. По одлуката на Таравари да ја напушти Владата, Фетаи остана дел од владејачкото мнозинство заедно со дел од функционерите на Алијансата за Албанците.
Сепак, неговата позиција постепено ослабуваше. Не успеа да се наметне како лидер на фракцијата ниту како еден од клучните политички фигури во ВЛЕН. Внатрешните несогласувања околу кадровските решенија и распределбата на функциите дополнително ги продлабочија поделбите меѓу него и дел од пратениците и партиските функционери.
Политичката криза кулминираше со неговото повеќемесечно отсуство од работното место и од владините седници. Во април, министерот за здравство Азир Алиу јавно потврди дека Фетаи не присуствува на работа и дека причините не биле здравствени.
Неговата оставка стави крај на шпекулациите околу неговиот статус во Владата.
Фетаи е роден на 11 декември 1980 година во Куманово и поседува двојно државјанство – македонско и белгиско. Студирал политички науки во Лиеж и Брисел, а специјализирал европски студии во Белгија. Професионалната кариера ја започнал на проекти поврзани со европските интеграции во Косово, а подоцна работел како советник на проекти финансирани од Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“, како и во меѓународни организации во Брисел.

