Српскиот министер за човекови и малцински права и општествен дијалог, Демо Бериша, изјави дека контроверзната изјава на министерката за државна управа и локална самоуправа, Снежана Пауновиќ, не ја претставува официјалната политика на Србија, која, како што рече, недвосмислено ги осудува сите облици на прогон и се залага за мир, дијалог и заштита на човековите права.
Бериша повика јавноста да го земе предвид контекстот во кој била дадена изјавата, наведувајќи дека Пауновиќ и самата била жртва на етничко чистење.
„Разбирам дека нејзината изјава предизвика реакции во јавноста, но важно е да се имаат предвид околностите во кои е дадена, бидејќи министерката зборуваше од перспектива на лично искуство. Нејзината изјава претставува израз на болно семејно искуство, а не став што ја одразува официјалната политика на Република Србија“, се наведува во соопштението на Бериша.
Неговата реакција следува откако Пауновиќ изјави дека, доколку во 1998 година ја имала истата слобода на дејствување како тогашниот српски претседател Слободан Милошевиќ, би го „исчистила етнички Косово“, што предизвика остри реакции во Косово, Албанија и дел од меѓународната јавност.
По изјавата, повеќе политички претставници во регионот ја осудија реториката, оценувајќи дека таквите пораки се неспоиви со европските интеграции и процесот на регионално помирување. Бериша, пак, инсистира дека официјалната политика на Белград останува насочена кон мир, дијалог и почитување на човековите права.

