23.8 C
Скопје
13 ноември, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈАНАСЛОВНА

Тендери без оглас и платен пристап до податоци: Што носи новиот Закон за јавните набавки?

Измените на Законот за јавните набавки во Северна Македонија предизвикаа критики од опозициските партии и предупредувања од поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, поради ризици од ослабување на институционалната контрола, ограничување на конкуренцијата и фаворизирање одредени компании.

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) во петокот соопшти дека парламентарното мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ ги усвоило законските измени, обвинувајќи ја власта дека создава дополнителни можности за корупција при трошењето на јавните средства.

Од партијата тврдат дека измените овозможуваат директно договарање без тендер за набавка на стоки во вредност до 25.000 евра годишно и за градежни работи до 120.000 евра.

СДСМ ги критикуваше и укинувањето на претходната согласност од Бирото за јавни набавки за одредени постапки со преговарање без оглас, како и зголемувањето на надоместоците за поднесување жалби.

„Закон со многу коруптивни ризици“, оцени опозициската партија.

ПОМАЛКУ ИНСТИТУЦИОНАЛНА КОНТРОЛА

Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска, во интервју за „Локално“ оцени дека укинувањето на претходното мислење од Бирото за јавни набавки кај одредени постапки со преговарање без објавување оглас отстранува еден механизам за институционална контрола пред почетокот на постапката.

Со новото законско решение се предвидува објавување известување за доброволна претходна транспарентност.

Според Ивановска, таквото известување ја зголемува видливоста на одлуката, но не гарантира дека се исполнети законските услови за користење на постапката.

„Оваа измена создава реален ризик од неправилно користење на постапките со преговарање без објавување оглас, особено кај договорните органи со недоволно развиени внатрешни контролни механизми“, изјави Ивановска.

Таа оцени дека измените на закон од вакво значење треба да бидат предмет на јавна расправа со учество на сите засегнати страни.

ЕЛЕКТРОНСКИ ПАЗАР: ПОБРЗИ НАБАВКИ, НО И РИЗИЦИ

Со измените се проширува примената на електронскиот пазар за јавни набавки од мала вредност, решение кое, според Ивановска, може да придонесе за побрзо споредување на цените, намалување на административните трошоци и поедноставување на набавките на стандардизирани производи.

Таа, сепак, предупреди дека е потребно да се обезбеди еднаков пристап на компаниите до електронските каталози и да се воспостават правила за проверка на квалитетот и документирање на изборот.

Ивановска го постави и прашањето дали изборот исклучиво според најниската цена може да доведе до набавка на производи со понизок квалитет или несоодветни карактеристики.

„Електронскиот пазар може да биде добар инструмент за економичност, но неговата примена мора да биде проследена со јасни правила за пристап до каталозите, проверка на квалитетот, споредливост на понудите и документирање на изборот“, рече таа.

Во спротивно, според Ивановска, поедноставувањето на постапките може да ја намали конкуренцијата и да создаде можности за фаворизирање одредени производи или добавувачи.

ЦЕНАТА ИЛИ КВАЛИТЕТОТ?

Една од позначајните измени предвидува задолжителна примена на критериумот „најдобар однос помеѓу цената и квалитетот“ кај определени јавни набавки со вредност над 130.000 евра.

Договорните органи што планираат повеќе од три такви набавки годишно ќе треба најмалку три од нив да ги спроведат според овој критериум, додека оние што планираат помалку од три ќе треба да го применат кај сите такви постапки.

Ивановска го оцени ова решение како позитивен чекор, бидејќи овозможува премин од избор според најниската цена кон вреднување и на квалитативните карактеристики на понудите.

„Најниската набавна цена не значи секогаш и најниски вкупни трошоци“, рече Ивановска.

Таа посочи дека, поради ограничувањето на задолжителната примена на критериумот на набавки над 130.000 евра, кај голем број набавки со помала вредност и натаму може да доминира најниската цена.

Опозициската Левица, пак, предупреди дека критериумот за квалитет може да стане основа за субјективно одлучување доколку не е дефиниран преку прецизни, објективни и мерливи показатели.

Според партијата, таквата практика може да отвори простор за манипулации при бодирањето на понудите, фаворизирање компании и ограничување на конкуренцијата.

ПЛАТЕН ПРИСТАП ДО ПОДАТОЦИТЕ ЗА ТЕНДЕРИТЕ

Левица се спротивстави и на измената со која се предвидува наплата за пристап и користење на јавно достапните податоци од Електронскиот систем за јавни набавки во формат погоден за машинска обработка, како и за користење на веб-сервисите.

Висината на надоместокот не е определена во законот, туку ќе се утврдува дополнително со тарифник на Министерството за финансии.

Од Левица посочија дека ваквите податоци им овозможуваат на новинарите, истражувачите и граѓанските организации систематски да го анализираат трошењето на јавните средства, да ги споредуваат договорните органи и понудувачите и да откриваат потенцијални неправилности.

Според партијата, воведувањето надоместок може да ја ограничи можноста за независен надзор врз јавните набавки.

„За ДПМНЕ, очигледно, проблемот не е што јавните набавки се недоволно контролирани, туку што јавноста сè уште има механизми да ги контролира“, соопшти Левица.

Партијата побара повлекување на законските измени.

ПРЕТСЕДАТЕЛСКО ВЕТО И 2.158 АМАНДМАНИ

Законот повторно се најде пред пратениците откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одби да го потпише указот за негово прогласување.

На 10 ноември Собранието усвои амандман со кој беше избришан спорниот член 13, што предвидуваше можност за повторно именување на претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки без јасно ограничување на бројот на мандати.

Сиљановска-Давкова оцени дека таквата формулација отвора простор за неограничен број мандати и концентрација на моќта во одлучувањето за јавните средства.

Во текот на повторното разгледување на законот беа поднесени 2.158 амандмани, а опозицијата побара законското решение да биде повлечено и повторно да помине низ јавна расправа.

Ивановска го поздрави бришењето на спорниот член, но предупреди дека со интервенција во една одредба не можат да се отстранат сите ризици што произлегуваат од другите законски решенија.

Според неа, независноста на комисијата за жалби треба да се обезбеди преку транспарентен избор на компетентни членови, без влијание на политичките партии.

ИЗМЕНИТЕ ДОАЃААТ ПАРАЛЕЛНО СО НОВИОТ КРИВИЧЕН ЗАКОНИК

Законските измени за јавните набавки се усвојуваат во период кога Северна Македонија подготвува и нов Кривичен законик, со кој се предлага воведување посебно кривично дело за злоупотреби при јавни набавки и договори за јавно-приватно партнерство.

Предлогот, објавен во петокот на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), предвидува максимална казна од 15 години затвор за случаи во кои е прибавена значителна имотна корист или е предизвикана значителна штета.

Европската комисија во последниот извештај за Северна Македонија оцени дека постојните кривични одредби за злоупотреби при јавните набавки имаат премногу тесен опсег за да ги опфатат сите сериозни процедурални манипулации во тендерските постапки.

Новиот Кривичен законик и Законот за кривична постапка се дел од Реформската агенда на земјата и се предмет на разгледување од Европската комисија.

Related posts

УЈИЕ: Амбасадорката на Јапонија Кавахара во посета, најави продлабочување на академската соработка

admin

САД спрема санкции против владата на Косово

admin

Кој ќе го наследи Димитар Ковачевски во СДСМ?

admin

ТРАЈАН АНГЕЛОСВКИ: Да се намали администрацијата, а не да се покачат даноците

admin

ДОВЕРБА ВО БАНКИТЕ ИЛИ ПАРИ ПОД ПЕРНИЦА – ДРЖАВАТА ГАРАНТИРА ДО 30.000 ЕВРА

ninja

Мицкоски: Нема криза без СДСМ – Филипче возвраќа: Ќе остане фуснота во историјата

admin