Американските компании „Аптив“ и „Дура“, кои работат во индустриската зона „Бунарџик“ во Скопје, планираат да го напуштат македонскиот пазар, потврдија владини извори. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема причина за загриженост и дека државата останува атрактивна за странски вложувачи.
„Ќе има компании што ќе доаѓаат и компании што ќе си заминуваат. Тоа е дел од економската реалност и не треба да се сфаќа драматично“, рече Мицкоски при посетата на германската компанија „Костал“ во Охрид.
Владата најави дека до крајот на годината четири до пет нови инвеститори ќе потпишат договори за отворање производствени капацитети во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ), со што се очекува отворање на околу илјада нови работни места.
„Македонија е меѓу најконкурентните економии во Европа, и тоа го покажуваме со конкретни резултати,“ додаде Мицкоски.
Германската компанија „Костал“ ќе започне нов инвестициски циклус во 2026 година, вреден 30 милиони евра, со план за отворање на 200 нови работни места.
Управителот на компанијата, Виктор Мизо, изјави дека заминувањето на поединечни инвеститори не претставува сигнал за одлив на капитал од земјата.
„Тоа се деловни одлуки поврзани со состојбата во европската индустрија, која моментно е во стагнација. Сепак, ние остануваме фокусирани на проширување на нашето производство во Македонија,“ рече Мизо.
Компаниите „Аптив“ и „Дура“ беа меѓу првите големи американски инвеститори во автомобилската индустрија во Северна Македонија. Нивното заминување доаѓа во период на забавен економски раст во Европа, но властите уверуваат дека вкупниот инвестициски тренд останува позитивен.

