Премиерот Христијан Мицкоски во обраќање по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, порача дека овој датум претставува ден „врежан во совеста на човештвото“, кога светот покажал дека „злото може да биде поразено“.
„Ние, Македонците, многу добро ја разбираме цената на слободата. Нашата историја не е историја на покорување, туку историја на отпор“, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека македонскиот народ за време на Втората светска војна, заедно со Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите и Бошњаците, застанал „на вистинската страна на историјата“.
„Илјадници борци ги положија своите животи за слободата која денес ја живееме. Тие не се бореа само против окупаторот. Тие се бореа за правото човекот да живее слободно, да говори на свој јазик, да го чува своето име и да верува во иднината“, рече премиерот.
Во говорот, Мицкоски порача дека подвигот на борците не смее да биде „заборавен или релативизиран“.
„Слободата никогаш не е подарок. Таа е избор, жртва и одговорност. И колку тоа некој да сака да го сокрие или прескокне, нашите предци беа на исправната страна на историјата. Имаше и такви челници на народи кои тоа не беа. Беа непријатели во оваа битка и низ нишан се гледаа. И тоа не беа администратори, туку окупатори“, изјави Мицкоски.
Тој оцени дека 9 Мај не е само историски датум, туку потсетник дека народите можат да се обединат околу „доброто, достоинството и надежта“.
„Европа не е создадена само од договори и институции, туку од солзите на мајките, од жртвата на хероите и од сонот никогаш повеќе да не се повтори злото на војната“, додаде премиерот.
Мицкоски повика на обединување „не во стравот, туку во надежта“, како и на заедничка борба за подобар живот, посилна економија и праведно општество.
„Нека е вечна славата на хероите кои ја победија темнината. Нека е вечна идејата за слобода. Доаѓа времето на македонската иднина – горда, исправена и европска“, порача Мицкоски.

