Внатрешните превирања во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) дополнително се интензивираа откако партиското раководство остро ги нападна поранешните високи функционери кои преку платформата „Разговори за иднината“ бараат суштински реформи во партијата.
Во најновото соопштение, СДСМ го обвини поранешниот функционер Андреј Петров дека бил еден од клучните носители на, како што наведуваат, „најголемата изборна катастрофа“ во историјата на партијата. Од Бихаќка потсетуваат дека Петров бил шеф на изборниот штаб во Првата изборна единица на парламентарните избори во 2024 година, каде СДСМ освои само три пратенички мандати.
„Андреј Петров не е никаков реформатор. Тој е дел од проблемот кој сега сака да се претстави како решение“, соопштија од СДСМ, обвинувајќи ја групата околу платформата дека се обидува да ја дестабилизира партијата во период кога таа се обидува да се консолидира по изборниот пораз.
Платформата „Разговори за иднината“, во која учествуваат повеќе поранешни функционери и актуелни членови на партијата, меѓу кои и поранешниот генерален секретар Игор Ивановски и пратеничката Славјанка Петровска, тврди дека СДСМ се соочува со длабока идеолошка и организациска криза и дека е неопходна суштинска реформа на партијата.
Ивановски неодамна изјави дека партијата се наоѓа во „финале на едно фијаско“ и оцени дека институциите не функционираат, а дека постојат и сомнежи за неформални договори меѓу власта и одредени структури во опозицијата. Неговите изјави предизвикаа остра реакција од актуелното раководство на СДСМ.
Поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, која исто така учествува во платформата, порача дека нејзиниот ангажман не е насочен против СДСМ, туку претставува обид за враќање на социјалдемократските вредности во партијата. Таа оцени дека состојбите во СДСМ не се подобруваат и покрај нејзините обиди за соработка со актуелното раководство.
Во партијата, сепак, постојат и гласови кои сметаат дека одговорноста за актуелната состојба е поширока и не може да се сведе само на сегашното раководство или на критичарите. Анонимен долгогодишен член на СДСМ за Дојче веле изјавил дека партијата со години постепено го губела контактот со сопственото членство, со граѓаните и со социјалдемократската идеологија.
Според него, недостатокот на внатрешен дијалог и санкционирањето на различните мислења во минатото придонеле за денешната криза, а сите генерации на раководства носат дел од одговорноста за состојбата во која се наоѓа партијата.
Внатрешната дебата во СДСМ се одвива во период кога партијата се обидува да се позиционира како главна опозициска сила по убедливиот пораз на парламентарните избори во 2024 година, при што прашањето за идното лидерство и насоката на партијата останува отворено.

