Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека е подготвен да се разговара за употребата на јазиците при полагањето на правосудниот испит, нагласувајќи дека секоја заедница има право да напредува и да го користи својот јазик во рамките на Уставот и законите.
Говорејќи во црквата „Света Софија“ во Охрид, на свечената академија по повод Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, Мицкоски рече дека образованието е клучот за развојот и дека дебатата треба да се води без политички и националистички тензии.
„Колку и да нè повлекуваат дневните теми, важно е да им се посветиме на некои од нив. Подготвен сум да помогнам во секој процес што би значел подобро и посилно образование“, изјави Мицкоски.
Тој оцени дека силното образование претставува „врата на можности и спас“ за секој граѓанин.
„Немам никаква пречка да се разговара за темите што денес се актуелни и секоја заедница да има право да напредува и да го користи својот јазик, се додека тоа е во рамките на Уставот, законите и додека се почитува нашиот идентитетски печат – македонскиот јазик“, рече Мицкоски.
Премиерот најави дека „многу брзо“ може да се дојде до решение што, како што рече, „сите треба да го поддржат“.
Според него, потребно е да се надминат партиските и политичките интереси и да не се дозволи темата да стане „националистичка замка“.
„Историјата нè учи дека таквите замки се најдобар метод за оние што имаат лични криминални или други интереси и кои редовно се кријат зад вакви теми за да ја злоупотребат соживотот“, додаде Мицкоски.

