18.6 C
Скопје
14 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Општините во хаос: Дали блок дотациите за училиштата завршуваат во приватни џебови?

Два случаи во Шуто Оризари и Струга отворија прашања за контролата и трошењето на државните блок дотации што Министерството за образование и наука (МОН) ги исплаќа за основните училишта. Од 1 јануари 2026 година треба да се применува нова формула за нивна пресметка, јави Радио Слободна Европа на македонски јазик.

Во Шуто Оризари, Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против поранешен општински службеник, осомничен дека со фалсификувани налози префрлил 3,6 милиони денари на приватни фирми, меѓу кои и на компанија што самиот ја основал. Градоначалникот Курто Дудуш изјави дека неговиот потпис бил злоупотребен и додаде дека службеникот подоцна бил отпуштен.

МОН соопшти дека нема надлежност да одредува како општините ги распределуваат средствата по училиштата и дека контролата е во домен на внатрешна и буџетска ревизија, како и на Министерството за финансии и општинските ревизори.

Конфликт меѓу Струга и МОН

Во Струга, локалната власт јавно се откажа од надлежностите за основното образование, наведувајќи дека нема доволно средства за нормално функционирање на 12 централни и 25 периферни училишта. „Од 1 септември МОН ги презема сите ингеренции,“ објави општината.

Министерката за образование Весна Јаневска обвини дека градоначалникот Рамиз Мерко и општинското раководство нерационално работат и дека дотациите се доволни ако се трошат домаќински. Мерко, кој е на американската црна листа и се соочува со неколку кривични пријави, возврати дека општината веќе издвојувала дополнителни средства и дека проблем се трошоците за малите периферни училишта.

„Ние не сме законски задолжени да трошиме за материјални трошоци, но сме плаќале. Сега ги префрламе ингеренциите на министерката,“ изјави Мерко, додавајќи дека дел од училиштата се исклучени од струја и дека нема пари за превоз и греење.

МОН: Нема враќање на надлежности

МОН одби да ги преземе обврските на општината, наведувајќи дека буџетот за Струга за 2025 година изнесува 579 милиони денари, од кои повеќе од 95% одат за плати. Министерството бара рационализација и почитување на стандардите за број на ученици по паралелка за да се намалат трошоците.

„Враќање на пренесени надлежности не е предвидено со закон,“ соопштија од министерството.

Владата најави дека од 2026 година ќе се воведе нова формула за распределба на блок дотации, заснована на стандарден трошок по ученик, со цел поправична распределба. Не е јасно, сепак, како ќе се обезбеди контрола врз трошењето.

 

 

Related posts

Над 33.000 странски возила „фатени“ од „Безбеден град“ – МВР најавува наплата на граница

admin

Ќе плаќате повеќе за кредитите? Народната банка ја зголеми каматата

admin

Фон дер Лајен: Проширувањето на ЕУ останува приоритет

admin

ЗАМИНУВА ГОДИНАТА, АМА НЕ И ПРОБЛЕМИТЕ

ninja

СРС го отвори повикот за Наградата за иновации „Butterfly 2025“

admin

Заменик-министерот за надворешни работи на Грција ја посети седницата на Советот за регионална соработка во Сараево

admin