Заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, денеска потврди дека Алијансата целосно го поддржува дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, предводен од Европската унија, нагласувајќи ја стратешката важност на Западниот Балкан за НАТО.
На средбата во седиштето на НАТО во Брисел со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот, Петер Соренсен, Шекеринска рече дека Алијансата останува посветена на одржување на мирот и стабилноста во Косово и поширокиот регион.
„Преку мисијата КФОР, НАТО продолжува да прави сè што е воено возможно на терен за да го заштити мирот, во корист на сите луѓе што живеат во Косово. Сепак, конечното решение за трајна регионална стабилност е политичко“, истакна Шекеринска. „За таа цел, НАТО продолжува целосно да го поддржува дијалогот предводен од ЕУ за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина и напорите на специјалниот претставник Соренсен.“
Таа посочи дека соработката меѓу НАТО и ЕУ е на високо ниво и дека континуираната координација ќе биде клучна за напредокот на дијалогот. Шекеринска додаде дека сојузниците се согласиле да ја зголемат поддршката за напорите за нормализирање на односите.
Според соопштението на Алијансата, Соренсен исто така учествувал на состанокот на Северноатлантскиот совет, вклучувајќи ги и НАТО партнерите кои обезбедуваат персонал за КФОР – мисијата на НАТО што дејствува на Косово.
Дијалогот меѓу Белград и Приштина, под покровителство на ЕУ, има за цел решавање на долгогодишните политички и безбедносни тензии во регионот и создавање услови за трајна стабилност. НАТО ја гледа оваа политичка рамка како критична за одржување на мирот и спречување на ескалација на конфликтите.
Во контекст на последните активности на Западниот Балкан, алијансата останува фокусирана на координирана поддршка за дијалогот, вклучително и преку воени и цивилни капацитети на КФОР, како и поддршка на европските напори за стабилизација на регионот.

